Студентски отпор маршира пред Влада – доста се храните со октоподи и бифтеци, а за нас пари нема

„Ги повикуваме пратениците, независно од која политичка партија се, да ги прифатат амандманите на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, кои се однесуваат на зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари и продолжување на рокот за субвенциониран студентски оброк, а не како што се предлага истиот да биде до март-2023 година. Доста е од тоа 30 години политичките елити да мислат само на себе и да се хранат со октоподи, бифтеци и друго, а да нема пари за македонскиот студент, велат од Студентскиот отпор за правда на студентите.



Студентскиот отпор за правда на студентите денеска, во 17.30 часот пред Влада, организира студентски марш и потсетува дека веќе апелираа да се изврши зголемување на износот на субвенцираниот студентски оброк од 120 на 160 денари дневно.

Потенцираат дека не смее да се дозволи да се штеди на младите луѓе.

„Потребно е и итно решавање на другите наши проблеми како што е: износот на стипендиите, мерките за штедење на електрична енергија и условите во студентските домови. Доста е од приказни за работни групи, планови, одбори и слично, кога студентите гладуваат и смрзнуваат“, велат студентите.

Тие нагласуваат дека студентскиот стандард мора да се подобри.