Наспроти големите очекувања на угостителите дека оваа сезона ќе биде подобра од минатите две, засега тоа не е така.



Струшките плажи среде лето зјаат полупразни, пишува Алсат М.

Лошиот пат од Кичево, немањето доволно паркинг-места, кучињата-скитници и генерално нечистотијата во околината на градот, се едни од главните проблеми кои им пречат на гостите.

Не е јасно дали за ова дополнителна причина е и забраната што ја донесе Општина Струга за шетање низ градот во бикини и костими за капење

Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и костими за капење во текот на целиот ден.

„Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори“, се вели во соопштението на општината.