Сметките за струја на граѓаните од јануари следната година ќе бидат повисоки, но дали тоа ќе биде за 10 отсто или повеќе, зависи од пресметки што регулаторите ќе ги прават на крајот на декември, врз осносва на трошоците на компаниите кои ја произведуваат, дистрибуираат и балансираат струјата. Засега се знае дека само врз основа на повисокиот ДДВ, кој ќе се применува по Нова година, сметките за струја на домаќинствата ќе бидат повисоки за 5 отсто.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска рече дека владата ќе настојува зголемувањето на цената на струјата да биде благо, со тоа што ќе продолжи да ја субвенционира цената на струјата која ЕСМ ќе ја нуди на ЕВН хоум.
– Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но далеку сме сè уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за владата – рече Битиќи.
Тој додаде дека се прават пресметките, но дека сè уште е далеку од тоа да се согледаат сите параметри, а РКЕ да одреди колкаво ќе биде влијанието врз цената.
Данокот гарантирано повисок, другото допрва нè чека. Од РКЕ засега не ги коментираат најавите за зголемување на цените на струјата од јануари, но потсетуваат дека цената на струјата ја утврдуваат без ДДВ.
– Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) уште во 2020 година побара да се намали ДДВ за електрична енергија од 18% на 5% со единствена цел да се амортизира влијанието врз крајната цената. За овој предлог беше постигнат општ консензус од страна на политичките партии и истиот беше изгласан во Собранието минатата година. Иако РКЕ определува тарифи, без ДДВ, а како што сте информирани даночната политика е во надлежност на Министерството за финансии, сепак со оглед на прогласената енергетска криза во земјава, а со цел заштита на животниот стандард на граѓаните, а особено на ранливите категории РКЕ ќе направи анализа во однос на најавата за реализација на повластената стапка на ДДВ од 18 на 5 отсто, односно на 10 % од 1 јануари 2023 година. Во време на енергетска криза решенијата треба да се моделираат во насока да се избегнат дополнителни оптоварувања врз граѓаните и да се заштитат ранливите категории – велат од РКЕ.






