Полицијата ги засили контролите врз патниците што пристигнуваат на аеродромот во германскиот град Меминген, посебно од земјите со висок ризик од корона, меѓу кои и Македонија.
„На пример, патниците што слетуваат од Скопје или од Белград ги водат во шатор. Секој што ќе покаже негативен тест за корона не постар од 48 часа продолжува со пасошката контрола и со подигнување на багажот. Потоа следува обврска за десетдневен карантин, кој може да заврши предвреме ако најрано по пет дена се направи нов тест за Ковид-19 и тој биде негативен. Секој што не може да покаже официјален доказ дека не е заразен со коронавирус при пристигнување од област со висок ризик ќе биде вратен со авионот со кој пристигнал. Ова сè уште не се случило на аеродромот ‘Алгој’, но може да се случи во секое време“, за „Аугсбургер алгемајне“ објасни Холгер Штабик, портпарол на полицијата на Југозападна Швабија.
Од Скопје до Меминген, оддалечен 110 километри од Минхен, лета „Визер“ секој понеделник и петок.





