Страв или договор – Зошто ИВЗ го смени ставот за изборите?

Реисот на ИВЗ Сулејман Реџепи целосно го смени ставот за гласање на изборите.



Тој на 23 април рече дека нема да повикува на гласање а десет дена подоцна институцијата со која тој раководи излезе со апел со кој ги повикуваат граѓаните на 5 мај да излезат масовно и да го искористат своето право на глас.

Пред само 10 дена поглаварот на ИВЗ пред медиумите порача никој да не бара од него тој да излезе и да повикува на гласање, бидејќи, како што рече, такво нешто никогаш нема да направи.

“Бараа јас да излезам, да апелирам до луѓето да гласаат дека овие се многу добри. Такво нешто никогаш да не бараат од мене. Никој нема мандат да бара такво нешто. Ви гарантирам со живот”, изјави тогаш Реџепи.

Сега пораката е друга, дијаметрално спротивна на првичната.

“Во недела, на 5 мај, муслиманските верници треба да излезат масивно и да го искористат нивното граѓанско право на глас, за повеќе права, за правна и демократска држава, за верски и народни права за сите народи кои живеат во Северна Македонија, за членство во НАТО и ЕУ, пат кој ние како верници и како ИВЗ го трасиравме со години, постојано” изјавија од ИВЗ.

Што е причината за промената на ставот не знае никој.

Дел од верниците на ИВЗ се сомневаат на страв дека власта ќе го продолжи планот за детронизирање на реисот Реџепи а дел не исклучуваат дека ИВЗ и владата направиле договор за исполнување на долгата листа на барања од онституциите кои ги имаа оваа верска организација.