Стратешкиот совет за надворешна политика на Османи е ,,клинички мртов”

Две години од помпезниот настан на кој министерот Бујар Османи го одржа инаугуративен состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика од ова тело нема практично ништо.



Член на советот од академската фела се жали дека Османи ги злоупотребил имињата на членовите на советот за да направи пропаганда за еден ден и потоа воопшто не го интересираат мислењата на членовите.

Експертското тело во рамки на стратешкиот проект на МНР – “Рефлексија 2030” цела година не одржало состанок, вели друг член на советот кој најавува дека наскоро јавно ќе ја објави својата оставка од советот на Османи.

И тој се чувствува злоупотребен од министерот Османи.

Во мај 2021 година Османи го најави проектот “Рефлексија 2030” кој требаше да биде активен и широк општествен консултативен процес што се темели врз три основни столба: формирање на Стратешки совет за надворешна политика, одржување на ад-хок тематски Конференции и серија панели со интересни групи со цел зајакнување на линкот со јавноста и граѓанскиот сегмент на општеството.

Целите на проектот “Рефлексија 2030” беа да овозможи еден нов “пристап заснован на инпути и експертиза” преку кој ќе се соберат, евалуираат и канализираат разните мислења и ставови за стратешкиот надворешно-политички курс на државата.

Од сето ова не се случи ништо конкретно освен уште една пропагандна активност за народот да мисли дека владата навистина сака да слушне експерти, вели трет член на советот на Османи кој според него е во клиничка смрт во ситуација кога во светот се случуваат страшни промени и изместувања а Османи и владата не бараат ум од умните и искусни луѓе кои се ставиле на располагање на државата.

“Крајна цел на овој проект е изработка на сеопфатна стратегија која ќе понуди еден поинаков светоглед, збир од различните аспекти, еден вид рефлексија на различни леќи, заснован врз инклузивност и партиципативност на сите релевантни општествени чинители. Внимавав да добиеме широка општествена интелектуална и експертска претставеност. Не се ограничив да поканам и поединци кои имаат цврст и јавен политички став, но кои во исто време се ослободени од притисокот на дневната политика” изјави МНР Османи пред две години Османи кој најави развивање на десетгодишна стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија.

Од стратегијата засега нема ниту С.

Членови на советот со кои тогаш се пофали Османи се 26 лица:

Марјан Ѓуровски, Нано Ружин, Денко Малевски, Срѓан Керим, Марко Трошановски, Мухамед Халили, Ризван Сулејмани, Ивана Туфегџиќ, Гордан Горгиев, Лазар Еленовски, Валентина Божиновска, Живко Мукаетов, Виктор Габер, Ајдован Адемовски, Љазим Дестани…

Фото: МНР