Доцни државната помош за граѓаните и стопанството. Иако најавена за денеска недела, од владата велат дека се уште се анализира какви и за кого ќе бидат наменети мерките. Ќе се поддржат најранливите категории граѓани, но и фирмите на кои помошта сега им е и повеќе од потребна, а тоа се хотелиерите и угостителите, кои најавија затворање поради високите сметки за струја.
Од Владата веќе кажаа дека за казината, рудниците и банките, кои добро заработивале и во време на криза, нема да има помош, зашто тие можеле и така да ја пребродат кризата.
За граѓаните се прават мерки и кога ќе бидат готови ќе ги соопштиме, велат од Владата. Тоа најверојатно ќе биде некаде следниот месец, односни октомври. За да се заштити стандардот на граѓаните од секојдневниот раст на цените на прехранбените производи од Владата не кажаа конкретно кога би имало замрзнување на цените.
Прво треба да се изгласа Законот за заштита на потрошувачите, со кој ќе се зголемат ингеренциите на инспекторите, а тек потоа ќе проверуваат дали производителите или трговците профитираат и ги качуваат цените неоправдано.






