Оваа 2024 година, ќе биде година со еден куп предизвици за домашното стопанство. Истоштени, исцедени, револтирани, но сепак со позитивна мисла. Стопанствениците кои важат за главен двигател на македонската економија, едвај дочекаа да ја испратат 2023 година која речиси по ништо нема да ја паметат во позитивна смисла, анализира Алфа во годишниот извештај. Уште неопоравени од пандемијата и енергетската криза, без конкретна поддршка од државата, стопанството живуркаше и ќе продолжи да живурка ако власта и натаму продолжи да ги спроведува актуелните политики кои повеќе наликуваат на популизам, отколку на стратегија за одржлив развој. Конкретни мерки за поддршка изостанаа, а капак на се беше ударот од т.н. данок на солидарност кој ги уништи плановите за инвестиции на компаниите кои остварија солидни резултати. Ваквите политики, според стопанствениците, во услови на нестабилност, широкораспространета корупција и неефикасна администрација не смее да продолжи.

Во годината на избори, за стопанството ќе биде многу важно да се обезбеди стабилна ликвидност, предвидливост но и конкурентноста надвор без која нема да може да се обезбедат повисоки и одрживи стапки на развој. Клучните предизвици секако ќе бидат во делот на работната сила, која ја има се помалку, но и нелојалната конкуренција која институциите не ја санкционираат.
Стопанствениците се надеваат дека 2024-та ќе биде подобра, но за тоа и да стане реалност очекуваат поголема сериозност и од институциите кои треба да бидат сервис на бизнисот. Клучната болка е и сивата економија која според неофицијалните податоци изнесува 30, па дури и 40%. Ако овој тренд продолжи и натаму, можностите за развој на домашната економија ќе бидат повеќе од лимитирани.

За дел од стопанствениците е многу важно да се обезбедат услови и за подобра соработка со странските инвеститори во државава, која е присутна, но од она што се гледа како ефекти засега е далеку од задоволителна.

Според стопанствениците мјогу е важно да има реализација на планираните капитални проекти, но и да се обезбедат услови за поголема продуктивност на работната сила. Затоа сметаат дека е потребно да се подобри нивото на соработката со образовниот процес, во насока на креирање кадри за потребите на домашното стопанство.





