Не е потребно замрзнување на цените на производите, туку треба да се најдат алтернативи и да се активираат државните резерви, алармира стопанството, откако Владата секоја недела си игра весела математика со мрзнење на артикли. Според извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, власта мора да го заштити населението како што тоа го прават другите држави, со финансиска инекција на секое домаќинство. Таков пример е Австрија, земја која во ниеден момент не ги остави на цедило граѓаните, туку постојано им помагаат со реални, а не со популистички мерки.

- – Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам, а и вие слушнавте, дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените, напомена Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.
Замрзнување на цените, потенцира, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.
- – Оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. Во меѓуврме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки, подвлече извршниот директор.
На прашањето дали ова го искомуницирале со Владата, тој одговори потврдно.
- – Да, апсолутно. Се појавивме со неколку изјави, но Владата има право да ги замрзне цените. Сепак, повторно ќе напоменеме, има механизми кои не се доволно искористени, а тоа се државните рзерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам од замрзнувањето на цените. Владата би требало, ако сака да интервенира, да го засили влијанието на пазарот со свое влегување преку „базенот“ кој се вика државни резерви, подвлече Пешев.





