30 отсто од работниците може да добијат отказ, неизвесна реализацијата на капиталните проекти, може да дојде до застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност и несигурен поврат на инвестициите, ќе предизвика законското решение за недела неработен ден кое помина на Влада без да бидат земени предвид забелешките и предлозите на бизнис заедницата, реагира денеска Стопанската комора на Македонија.
Комората апелира Собранието да го преиспита ваквото решение и воедно бара, со Законот за работни односи да нема ограничувања, туку да се дозволи секоја дејност сама да одлучи дали ќе работи во недела.
Градежниците, обложувалниците и прехранбената индустрија велат дека неработењето во недела не значи придобивка за работниците како што некој сака да прикаже, туку е прашање кое ги засега сите, и раководители и инженери и техничари и директори, поради што мора соодветно да се реши.
„Законското решение, како што е сега конципирано и кое веќе помина на Влада, ќе предизвика сериозни негативни последици, социјални и економски. Проектите во градежништвото се врзани со рокови, а иницираната мерка ќе се одрази негативно не само врз нивната реализација, туку и врз исполнувањето на тие рокови, вклучувајќи ги тука и капиталните проекти од интерес за државата. Работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата. Постои ризик и наместо посакуваната цел, да се предизвикаат спротивни ефекти кои нема да бидат од интерес ниту на компаниите како работодавачи, ниту на работниците“, рече претседателот на Здружението на градежништвото, Андреа Серафимовски.
Од прехранбената индустрија посебно на удар од законското решние за неработење во недела ќе бидат млечната индустрија и производство на пиво и безалкохолни пијалаци.
-Млекото кое што се измолзува во сабота, се складира на фарма или откупен пункт и се разладува. Во недела наутро се транспортира во млекарниците, се врши прием и се пристапува кон примарна преработка – филтрација, додатно ладење. Поради запазување на квалитетот на хемискиот и микробиолошкиот состав на суровото млеко, по приемот треба термички да се преработи – пастеризира. Зависно од големината на млекарницата, за овој процес се потребни еден до двајца оператери, односно бројот на вработени кои треба да се дежурни во недела е еден до двајца. Доколку овие активности не се преземат во недела, тогаш измолзеното млеко од сабота нема да се откупува, а измолзеното млеко од недела ќе се превезе во понеделник и ќе се преработува во вторник. На ваков начин се губи еден ден производство, односно при ваков случај се намалува производниот капацитет на фабриката со огромни економски штети, а потребата од работна сила ќе биде намалена за една седмина. Сето ова се надоврзува на веќе изгубениот еден ден за продажба, поради неработењето на малопродажните објекти во недела, објасни Васко Ристовски од Комората.






