„Стоп за бетонизација на Расадник“- денеска протести во Кисела Вода

Жителите на Расадник излегуваат на протест кај Гет кафе денеска во 18 часот Со протестот, за да престане бетонизацијата на општината и да се уништува зелена површина.



Месеци наназад жителите на Расадник упатуваат апели дека изградбата на најмалку 100 згради на овој простор, дополнително ќе ги загрози и онака лошите услови за живеење во одој дел од општината. Тие велат дека улиците се пренатрупани со возила, нема паркинг места, детски игралишта, а се помалку ќе има и кислород за дишење.

Од нацртаните 100 згради во населбата Расадник лани избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста, според Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј14 Расадник на Општина Кисела Вода. Трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката и треба да донесат уште над 8.000 жители.

И додека надлежните од Град Скопје и Општината велат дека планот е правен да има и има услови за хумано живеење, жителите децидни дека условите за живот во овој дел од населбата и сега се далеку од хумани поради неконтролираната изградба на станбени објекти.