Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ќе се сретне со претседателите на сите политички партии во Европскиот парламент и ќе разговара за Украина и за безбедноста на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.



Пред почетокот на состанокот, Столтенберг, заедно со неговата домаќинка, Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, порача дека процесот на зачленување на Финска и Шведска ќе оди бргу, доколку овие две земји поднесат апликации.

„Финска и Шведска ќе бидат примени со раширени раце, тие ни се блиски партнери, силни и зрели демократии, соработуваме со години, интероперабилни се со силите на НАТО и заедно работиме во повеќе мисии и операции на НАТО, ако аплицираат, ќе бидат добредојдени и очекувам процесот да биде брз, рече Столтенберг.

Тој додаде дека не е загрижен за транзицискиот период помеѓу апликацијата и полноправното членство.

Ќе најдеме аранжман за периодот помеѓу апликацијата и формалната ратификација во сите парламенти, уверен сум дека има начин да се исполни тој период, рече шефот на Северноатлантската алијанса. За него членството на овие две земји ќе биде „силна порака“ дека нивната безбедност е важна за сите 30 земји сојузнички на НАТО“, премнесе МИА.