„Оваа недела или на почетокот на идната треба да се потпише Протоколот за НАТО. Потоа тој треба да се врати во грчкиот Парламент на ратификација. Се надевам дека потоа сите наши пријатели, а меѓу првите е Литванија, ќе го ратификуваат Протоколот во нивните собранија.
Штом се ратификува во грчкиот Парламент ќе го добиеме столчето во Алијансата.
И тогаш стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор“ информираше денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров на трибината во МНР.
Димитров информираше дека министерката за одбрана Радмила Шекеринска за прв пат ќе присуствува на состанок на министрите за одбрана на 13 и 14 февруари во Брисел, а тој како министер за надворешни работи во април ќе присуствува на Министерскиот состанок на НАТО во Вашингтон.




