„Македонските корумпирани политичари се заинтересирани само за тоа како да дојдат и како да се одржуваат на власт! За да ја задржат власта, подготвени се за максимални отстапки, со кои сериозно се загрозуваат темелите на македонската држава.“ – вели Коста Стојменовски, поранешен македонски амбасадор, во својата колумна со наслов „Националисти, шовинисти, патриоти и космополити“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Стојменовски пишува: „Македонската држава ја водат алчни политичари, незаситни профитери, кои се подготвени заради изборни потреби да им дадат македонско државјанство на 150-160 илјади луѓе, што немаат право на тоа, или да им дадат македонско државјанство на непознат број луѓе врз основа на основа на изјави на двајца сведоци. Државата ја водат политичари, што се одржуваат на власт долги години врз основа на тендер-коалиции, или со аболиции за воените злосторства на коалицискиот партнер, кој беше повикан на сослушување во Хашкиот трибунал, но беше ослободен врз основа на одлуката за аболиција од највисокиот законодавен орган на РМ.“
„Тоа се политичари, кои, за да останат на власт, прифаќаат уцени околу процентот на етничките групи во вкупниот број на жители во Република Македонија и многу други сомнителни и заткулисни договори. Сето ова води кон заклучок дека македонската држава е провизориум, чија иднина е неизвесна.“
„Длабоко сум убеден дека главна вина за катастрофалните состојби во и со Република Македонија сноси првиот македонски претседател, поради тоа што не ја прифати понудата на еминентниот македонски, југословенски и светски дипломат Лазар Мојсов да ѝ помогне на Република Македонија околу нејзиното признавање и меѓународно етаблирање. Ако беше прифатена неговата понуда, Република Македонија, со поддршка и помош на неговиот личен и семеен пријател Џорџ Буш Постариот, ќе беше ставена на брза лента и одамна ќе станеше членка на ООН, на НАТО и на ЕУ и на тој начин ќе ги избегнеше голготата и уцените, што ѝ ги правеа и сѐ уште ѝ ги прават соседните земји.“
„Сега Бугарите настојуваат по секоја цена да ги легализираат нивните претензии кон Македонија, кон македонскиот народ, кон македонскиот јазик, кон македонската историја и другите македонски атрибути.“ – нагласува Коста Стојменовски, покрај другото.
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/pisma/nacionalisti-shovinisti-patrioti-i-kosmopoliti/





