Лидерот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, чија организација со години води жестока битка за признавањето на малцинските права на Македонците во Бугарија смета дека бугарскиот премиер Кирил Петков ќе изврши политичко самоубиство, доколку самиот го крене ветото за Македонија.



За Плусинфо тој изрази скпетицизам за вистинските намери на бугарскиот премиер и не верува дека Петков навистина ќе го крене ветото, со кое источниот сосед ги блокира евроинтеграциските процеси во Македонија.

„Доколку тој на своја рака навистина го крене ветото, тоа ќе претставува негово политичко самоубиство. На мене искрено не ми се верува дека Бугарија ќе се откаже од ветото. Но, во доменот на шпекулацијата, можеби Петков ќе биде жртвуван сега како единствениот функционер кој ѝ попушта на Македонија, а сите други се против. Иако ќе повторам дека не можам да поверувам, во тоа дека Петков или било кој друг тука во Бугарија ќе се откаже така лесно од ветото – вели Стојков.

Според БГНЕС, наводно Петков потврдил дека до Народното собрание во Софија ќе го проследи францускиот предлог за решавање на спорот и е свесен дека неговата Влада ќе падне.

„Во четврток (невеска – н.з) официјално ќе биде испратен (францускиот предлог) до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре го испраќам до парламентот. Лично, Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене. Ќе го прифатиме, после тоа паѓаме и продолжуваме понатаму – им соопштил Петков на негово најблиски соработници

БГНЕС тврди и дека премиерот е подготвен самиот, без поддршка на Парламентот и претставниците на владината коалиција, да го симне ветото за Македонија и тоа на наредниот Министерски совет на ЕУ закажан за 23 јуни во Париз.