Стојкоски: Ѓорче Петров заслужува да биде модерна и урбана општина со решени основни проблеми

„Благодарам за големата поддршка, ви благодарам за енергијата, многу народ има вечерва во паркот во Ѓорче Петров. Јас сум Александар Стојкоски, ваш сосед, ваш пријател, еден од вас. Со ваша поддршка ќе бидам и ваш иден градоначалник. Ние ѓорчепетровци сме честити и домаќини луѓе“, истакна Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник на општина Ѓорче Петров.



Стојкоски додаде дека е силно мотивиран да работи за сите луѓе, без притоа да се води сметка за нивниот политички ангажман и за нивната партиска припадност. Силно е мотивиран да го вклучи сиот човечки потенцијал, интелектуален потенцијал на секој граѓанин од Ѓорче Петров во развивањето на општината.

„Силно сум мотивиран да дадам се од себе за да победиме и да направиме функционална општина во која секој еден од нас ќе се гордее. Крајно време е да ставиме крај на поделбите, да ставиме крај на лошите одлуки, да ставиме крај на лошите решенија. Јас лично ќе водам позитивна кампања за тоа што силно верувам дека во кампањата треба да бидеме тоа што вообичаено сме. А, јас од тоа нема да отстапам. На моите политички опоненти ќе им посакам добро здравје и достоинствена кампања“, нагласи Стојкоски.