Пуштањето на АД ТЕЦ Неготино во процес на производство ќе ја чини државата помалку отколку увоз на електрична енергија, оценува генералниот директор Небојша Стојановиќ, во интервју за МИА.
Во времиња на закани од енергетска криза поради дефицит од струја, низ годините се знаело да се каже дека само „златната резерва” ТЕЦ „Неготино” може да ја спаси земјава од мрак. Изградена пред 43 години, таа има инсталирана моќност од 210 мегавати и е втор по големина енергетски капацитет во државата.
Тоа е единствена електрана што како погонско гориво користи мазут и брзо може да се преориентира и на природен гас.
„Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте. Во моментот изнесува 283 евра/ мегават-час. Во секој случај пуштањето на АД ТЕЦ Неготино во процес на производство ќе ја чини државата помалку отколку увоз на електрична енергија. Проценките се дека со моменталната цена на мазутот која изнесува 36 ден/кг, производната цена на АД ТЕЦ Неготино ќе изнесува од 150 – 175 евра / мегават-час, во зависност од тоа дали ќе работи со еден или два котла“, вели Стојановиќ за МИА.






