Стојанова: Богдановиќ кумувал на мојата смена со неговот кум

Славица Тодорова од владината Српска странка која е дел од Коалицијата на СДСМ тврди дека зад нејзиното разрешување стои градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ.



Тодорова тврди дека новиот директор на институцијата со која управувала му е „личен пријател“ на Богдановиќ и кум на венчањето во Косово.

Славица Тодорова која вчера е разрешена од функцијата директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците тврди дека е сменета без воопшто да биде информирана за промените.

Тодорова, како што наведува во реакцијата, е назначена за директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците лани како кадар на Српската странка во Македонија кога со акцијата „метлата“ на премиерот Зоран Заев е разрешен дотогашниот директор Милутин Станчиќ.

“Вчера, без никаква најава, од Фејсбук дознав дека сум разрешена, без да биде консултиран претседателот на мојата партија Мирослав Јовановиќ, иако сме коалициони партнери во владата.На моето место е именуван кадарот што беше разрешен во „метлата“ Милутин Станчиќ. За жал, зад сето ова стои Саша Богдановиќ, градоначалникот на Центар, на кого што Станчиќ му е „личен пријател“ (цитат од Богдановиќ) и кум на венчањето во Косово, кој е сопственик на невладината организација „Спона“ и претежно се занимава со пропагирање на Стара Србија и српската православна држава. Без никакво образложение сум разрешена, а зад сето тоа стои Богдановиќ, кој, како што велиме ние Србите „не зна где удара“. Се претставува како преставник на Србите во Македонија, а всушност се промовира само себеси во очите на српската јавност. Богдановиќ како функционер во Република Македонија не се оградува од изјавите дека ние Србите немаме право на црква и слични небулози, иако нашата држава е секуларна држава”, вели Тодорова.

Таа смета дека проблемите на Србите во земјава нема да се решат со подарување тетратики и ранци на децата како што тоа го практикува Богдановиќ.

“Сметам дека во интерес на соживотот, кој го негуваме луѓето родени на овие простори, без разлика на етничката припадност, треба да се стремиме кон реални цели и да гледаме напред. Проблемот на Србите во Македонија нема да се реши со подарување ранци и тетратки на децата, и тоа само на српските деца во училиштата, туку треба да се стремиме кон создавање еднакви услови за образование на сите нивоа – од градинка до високо образование”, вели Тодорова.