Стојанов: „Кога ќе ни се насмевне геополитиката, ќе ја обезбедиме иднината, оти сме си го зачувале минатото!“

„Колосална глупост е тврдењето дека минатото е неважно! Нема иднина без минато! Зошто Бугарија и Грција се ‘убија’ за историјата?! Еден убав, светол, сончев ден, кога геополитиката и нам ќе ни се насмевне, ние ќе ја обезбедиме иднината врз основа на тоа минато, што сме успеале да го зачуваме!“ – вели Трајче Стојанов, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во својата колумна со наслов „Иднината на нашето минато“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Стојанов пишува: „Како и во животот на поединецот така и во животот на заедницата – иднината е само навидум неизвесна! Да, иднината „веќе е тука“, таа може да се „види“, ако се загледаме во минатото! Иднината е тука како редослед на минатите настани и затоа минатото е важно! Особено нашиот однос кон него! Ве убедуваат во спротивното и ве нарекуваат назадни и ‘небањати’, но ако минатото е неважно, тогаш зошто на соседите им е важно!? Ако ‘од/во минатото не се живее’, зошто упорно, тврдоглаво и жилаво за него се борат и Бугарите и Грците!? Токму заради тоа што минатото и нашиот поглед на него ја одредуваат, или можат да ја одредат иднината. Бугарија и Грција се ‘убија’ за историјата, додека вас, оние ‘прогресивните’, што беа за ‘Запад’, ве убедуваат дека минатото е ништо, иднината е сè!“

„ Односот кон името Македонија, кон идентитетот и кон минатото ни ја копа дупката. Колосална глупост е тврдењето дека минатото е неважно! Нема иднина без минато! Или барем нема светла иднина, онаква каква што замислуваме, проектираме и посакуваме! Затоа се ‘испотепаа’ и Бугарија и Грција за да го наметнат нивниот поглед на минатото! Затоа што така си ја осигурија иднината. Грците си осигурија дека ‘оваа Македонија’ не е ‘таа Македонија’ и дека ‘овие Македонци’ не се ‘тие Македонци’ во Егејска Македонија. Врз основа на Преспанскиот се накалемија и Бугарите, па не се глупави – и тие треба да си го редизајнираат минатото, за да си ја проектираат иднината. Кога можеа Грците, можат и мораат и тие – и тие сакаат да го дизајнираат минатото, за да се осигурат дека еден убав светол, сончев ден Санстефано ќе биде реалност. Кога ќе се склопат геополитичките коцки, таа иднина ќе се наслика на историското платно, токму заради тоа ‘неважно’ минато што го ‘замесиле’ според нивната историска приказна!“

„Затоа, не дозволувајте да ве мамат, не дозволувајте ниту за миг да поверувате во нивните лаги дека минатото, идентитетот не се важни. Останете регресивни, останете ‘небањати’ и конзервативни, останете ‘назадниот’ елемент во ова општество, затоа што еден убав, светол, сончев ден, кога геополитиката и нам ќе ни се насмевне, токму вие, ние ќе бидеме тие што ќе ја обезбедат иднината врз основа на тоа минато што сме успеале да го зачуваме!“

Интернет – врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/idninata-na-nasheto-minato/