Стојаноска: Карил не е обична гаража – дали по поплавата се направени микробиолошки брисови за пак да работи?

Поплавата во КАРИЛ не се чисти само со џогер, дали се направени микробиолошки брисови поради опасност од инфекции, праша денеска на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, откако беше објавено дека по поплавата што ја зафати Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, истата повторно работи.



Оваа Клиника, рече пратеничката, не е обична гаража или подрум, од којшто треба да се испумпа само водата и да се зачисти со џогер.

„Доколку Клиниката била поплавена од излевање на атмосферска канализација или други води до степен да препраќа пациенти, тогаш овде се работи за многу сериозен и темелен процес на враќање во функција. Не смее брзоплетоста на надлежните да чини животи. Оваа Клиника е мошне сериозен и чувствителен дел од здравствениот систем и терцијарното здравство и не смее да се дозволи на каков било начин да се случуваат интерхоспитални инфекции. Што е преземено за санирање на поплавите во КАРИЛ? Дали се направени микробиолошки брисови од страна на Центарот за јавно здравје?“,
рече Стојаноска.

Таа праша и дали Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат се вклучени и запознаени со активностите за враќање на Клиниката во функција, но и дали е направено испитување на електричната инсталација ако се има предвид дека од нејзината исправност зависат апарати и инструменти кои имаат животовитално значење за пациентите.

За време на невремето на 30 август, Клиниката се затвори и пациенти се препраќаа во останатите болници во Скопје и во државата, а еден ден потоа во јавноста.

Ден по поплавата, оттаму изјавија дека КАРИЛ функционира нормално, но со намален капацитет.