
Претседателот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов му одговори на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за настаните во 2001.
„Внимателно го прочитав објавениот дел од говорот на претседателот на ДУИ и командант на УЧК во воената 2001 Али Ахмети на вчера одржаниот собир во Вејце по повод откривањето на споменик на загинат припадник на УЧК.
Доколку коректно е преведен на македонски јазик, вниманието ми го привлече делот во кој тој тврди дека “хеликоптерите ги потресуваа пештерите, мислејќи дека сме биле засолнети таму. Но, во 2001 ние не се засолнувавме во пештери, бидејќи нè поддржуваше народот, тој беше со нас.“
Оваа изјава веднаш ме потсети на нашето тврдење дека УЧК го користеше народот, односно населението на селата во кои се војуваше, како жив штит пред нашиот налет, пред налетот на надмоќните македонски безбедносни сили. Ние, припадниците на македонските безбедносни сили ќе имавме многу полесна и поедноставна работа доколку УЧК беа надвор од селата, па дури и во пештерите.
Погрешно е и неговото тврдење дека “од една страна се наоѓаше една војска, а од друга страна беше народот“ заборавајќи притоа дека албанскиот народ сепак е малцинство во Македонија но и дека УЧК немаше поддршка од сите Албанци во Македонија туку само од еден нивен дел.
Воедно, не го зел во предвид и фактот дека војската за која зборува беше македонска војска, народна војска, војска на македонскиот народ и останатите македонски граѓани, војска која имаше задача да ја штити Македонија и македонскиот народ кој е убедливо мнозинство во државата, да ги штити и сите останати македонски граѓани кои останаа лојални на Македонија, кои ни даваа безрезервна и недвосмислена поддршка на нас, македонските бранители.
Во дел од својот внимателно составен воено-политички говор Али Ахмети тврди “ние бевме пoбедници, бидејќи ги поразивме противниците во судирите. Победници сме со противниците, победници во војна…“
Токму Ахмети најдобро знае колку е точно неговото тврдење дека се “победници во војна“ и колку навистина победија во 2001-та. Многу добро знае и што ќе се случеше со УЧК да не беше силниот притисок би рекол и уцена од моќните надворешни фактори.
Како и да е, завршниот дел во кој тврди дека “има уште многу да се сработи, но имаме толку многу енергија и луѓе, што не нè плаши ништо, што и да ни излезе пред патот“ како политичка флоскула е сосем во ред.
Дури и јас, како претседател на Достоинство и неформален лидер на дел од македонските бранители, за крај можам да кажам дека има уште многу да се сработи, но имаме толку многу енергија и луѓе, што не нè плаши ништо, што и да ни излезе пред патот, објави Ангелов на ФБ.





