Лидерот на Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, смета дека самото отворање на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола бил смислена провокација, на која, ако не наседнал Ламбе Алабаковски, тоа ќе го сторел друг.
„Овој клуб беше отворен токму со таа намера да биде запален или искршен. Намерата за отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’ беше чиста бугарска провокација, на бугарската Влада. Прво, изборот на името на една контроверзна личност во старт. Тој беше направен да биде запален, повторувам, за да направат провокација. Отворањето на ваков клуб во Битола исто така е чиста провокација. Ако не беше Ламбе, верувам дека некој друг ќе наседнеше на оваа провокација, која Бугарија веќе ја користи во нејзина полза дека еве ние Македонците не ги сакаме Бугарите“, изјави Ангелов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Лично тој смета дека никој не требало да направи таков чин, но додава и оти голем дел од граѓаните во Македонија го оправдуваат потегот на Алабаковски.






