Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, го означи настапот на завршниот турнир во Келн како единствена опција за ракометарите на европскиот клупски првак, кои в недела од 17 часот го пречекуваат Кил со предност од 29:28 од првиот меч во Германија од четвртфиналето во Лигата на шампионите.
„Кил е еден од најдобрите клубови во историјата на ракометот и имаме респект кон нив. Победивме во Кил, но треба да го заборавиме овој дуел и да почнеме од почеток и во реваншот. Тогаш мораме да тргнеме како да е 0-0 и да се мотивираме, бидејќи фајналфорот во Келн е нашата единствена опција“, изјави пикерот на „црвено-црните“, кој во неделата во „Шпаркасе арена“ погоди од сите пет обиди кон противничкиот гол.
Желбата за втор настап едноподруго на завршниот турнир ја издвојува и тренерот Раул Гонзалес.
„Ова ни е последен меч од Лигата на шампионите сезонава во Скопје. Имаме еден гол разлика од првиот натпревар и сметам дека овој резултат е добар. Сега играме дома и пред нашите навивачи. Сепак, не се опуштаме, свесни дека Кил има квалитет. Има одлични ракометари, кои ќе знаат да се снајдат и во Скопје. Во првиот меч играа добро 3-2-1 одбрана, а за нас беше тешко да нападнеме против неа. Но, моите ракометари се подготвени и сакаме уште еднаш да играме во Келн. Сите сметаат дека во Скопје ќе немаме проблем. Сите очекуваат од нас да победиме. Ќе играме под притисок, а свесни сме дека ќе биде тешко, бидејќи имаме одличен противник за ривал“, се зборовите на Шпанецот на клупата на европскиот, регионален и македонски шампион.
Неговата констатација за силата на трикратниот освојувач на ЛШ ја потврдува и синоќешниот триумф на „зебрите“ од 28:16 (14:8) среде Лајпциг во Бундеслигата, со што му се реваншираа на домаќинот за неочекуваниот пораз во минатото првенство на истиот терен. Билик со шест гола, Рамел и Нилсон со по пет, како и Винцек со четири, беа најрасположени во нападот, а на голот Ландин запиша седум одбрани, Волф една помалку.





