Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во врска со отворањето на прашањето за амнестиите во Уставниот суд денеска изјави дека иницијативата е политичка, а не е правна и дека е јасен и нарачaтелот кој што може да стои зад оваа одлука .
„Стотици иницијативи за многу посуштински закони кои што имаат огромно влијание на секојдневното живеење на граѓаните во Република Македонија со години се чуваат во фиока, но Уставниот суд одлучи дека токму оваа иницијатива, после цели три ипол години добива приоритет и треба да добие приоритет баш во ова време. Гледаме дека дури и самиот подносител на оваа иницијатива е зачуден како уставните судии одлучиле да ја земат да работат токму оваа иницијатива, токму во овој момент, иако самиот вели дека во исто време поднел пет иницијативи, истакна тој.
Стоилковски порача дека јасна е намерата и провидни се целите.
„Наместо да се говори за аферата „Кеш“, наместо да се бара одговорност и завршување на истрагата, јавноста сега треба да се занимава со стари иницијативи и да разговара за амнестиите и аболициите. Наместо будно да се следат малверзациите за случајот „Рекет“ кој наскоро влегува во судска процедура, јавноста повторно треба да се занимава со одлуките на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов. Наместо да се отвораат актуелните криминали на Зоран Заев и на власта за „Рекет 2“, набавката на хеликоптери, крвавите тендери на Венко Филипче, и десетици други криминални скандали, граѓаните треба да се враќаат четири години назад и да не гледаат како во моментов се ограбувани и граѓаните и буџетот.
Политичката намера е премногу јасна.
Одлуката на Уставниот суд да ја отвори иницијативата во овој момент е политичка, а не е правна. Јасен е и нарачaтелот кој што може да стои зад оваа одлука.
Само на политичар кој што е аболициран за тежок криминал, може да му текне да ја злоупотреби аболицијата во овој момент. ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против амнестии и против аболиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи амнестии и аболиции. Доколку Заев продолжи со неговиот план и ги разгневи граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нив на протести“, рече Стоилковски.





