Стоилковски: ТВ презентерката Бесмира Ејупи се вработи во МНР

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, тврди дека некогашната ТВ презентерка Бесмира Ејупи е вработена во МНР.



„Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, соработник во одделението за правни работи. Веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање на влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“ за Бесмира Ејупи“, соопшти Стоилковски..

Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР.

Почитувани, македонската дипломатија е во нокаут, а институциите служат за задоволување на апетитите и фрустрациите на функционери на ДУИ-СДСМ.

Бујар Османи и Димитар Ковачевски коишто тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи, коишто го криеја предлогот на Влада таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат за вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР“, вели Стоилковски?