Окако официјално ќе го добие „Манифестот“ на СДСМ и ДУИ, и ако воопшто има основа за разгледување, ВМРО-ДПМНЕ ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, изјави портпаролот Наум Стоилковски.



Вчера, речеси во исто време преку писмени соопштенија од СДСМ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ) јавија дека е подготвен Манифест на владејачката коалиција со кој се повикуваат сите политички лидери заедно да се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија.

„Седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале, го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДСм до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ.

Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус.

ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став“, рече Стоилковски.

Во Манифестот на СДСМ и ДУИ, меѓу другото, се наведува: „…ја потврдуваме потребата од воспоставување на засилена соработка помеѓу сите политички партии застапени во Собранието која ќе се остварува постојано без разлика од составот на владејачкото мнозинство“.

Иницијаторите на Манифестот повикуваат Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки.