„Потпирањето на малите народи врз меѓународното право е веќе доведено во прашање со воспоставената практика на големите за редефинирање на принципите – од преседани во правило. Македонија и пред избувнувањето на актуелниот конфликт во Источна Европа, со децении е ставана во искушение од соседите, па и од меѓународната заедница, во контекст на принципите поставени во меѓународното право. Сега таквото искушение е загрижувачки позасилено.“ – вели Јасминка Павловска во анализата со наслов „Дали преседанот стана правило?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Меѓународното право е најсилниот аргумент за еднаквост и праведност во меѓународните односи на малите народи. Но, во политиките на големите сили, каде што важат поинакви правила од оние за помалите држави и народи, меѓународното право се толкува онака како што им одговара на нивните интереси. Потпирањето на малите народи врз меѓународното право е доведено во прашање кога тоа се прекршува и кога преседаните, случаите на непочитување и неприменување на меѓународното право, стануваат правило.“
„Токму во почитувањето на меѓународното право од страна на ЕУ е суштината за довербата на македонските граѓани спрема Унијата. ЕУ употреби елементи на присила во случајот со правната арбитража на Бадинтеровата комисија за правната компетентност на Македонија да биде признаена како независна држава: поради политички причини ЕУ некако ја затури таа правна арбитража. ЕУ примени присила, или притисок врз Македонија и во спорот со Грциј игнорирајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Слично нешто се случува и сега, поврзано со ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата.’ – вели Ивица Боцевски.“
„Според Иван Стоиљковиќ, македонските политичари треба повеќе да инсистираат на принципите на меѓународното право во надворешната политика во градењето на односите со соседите, но и со сојузниците. ‘Македонските политичари мора повеќе да се грижат за домашните интереси отколку за интересите на партнерите. Кога во внатрешната политика ќе надвладее интересот на факторите со кои сме во меѓународните сојузи, тогаш голема е опасноста да се претвориме во стратегиски вазали. Ако во внатрешната и надворешната политика ни доминира интересот на стратегиските партнери, тогаш ќе се постави дилемата: зошто воопшто да одиме на избори? Стратегиските партнери немаат одговорност пред македонските граѓани, но македонските политичари имаат одговорност и затоа мора да го почитуваат принципот на сувереност во македонската домашна политика.’ – вели Стоиљковиќ.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/dali-presedanot-stana-pravilo/





