Стоилковиќ : Бришењето на АСНОМ од Преамбулата значеше промена на македонското ткиво

Лидерот на ДПСМ и на Србите во Македонија Иван Стоилковиќ, на 120 годишнината од Илинденското востание и 79 годишнината од АСНОМ положи цвеќе во меморијалниот центар Пелинце.



– Промената на преамбулата на Уставот, во 2019 година, со бришење на одлуките на АСНОМ во неа, значеше промена на суштината на самото ткиво на македонската држава. Тогаш, со усвојувањето на Преспанскиот договор, кога беше променето името на државата Македонија, се направи и таа промена на преамбулата на Уставот, што денес се покажува дека има многу подалекосежни последици отколку само „мала техничка корекција“.

Двата Илиндена, Крушевското востание од 1903 и АСНОМ од 1944 година, се срцевината и темелите на македонската држава и нивното редуцирање во наративот на преамбулата практично остави простор за други процеси, со кои се деградираат аргументите на македонската државотворност. И тогаш велев, а денес, за жал се повторуваат моите гледишта, дека кога се гласаше за Преспанскиот договор, не требаше да се чепка во преамбулата – изјави Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.