
Меѓународните договори се единствен гарант за политичка стабилност, а во Македонија прекршен е Охридскиот договор, вели Иван Стоиљковиќ претседател на ДПСМ во интервју за Vecer.mk.
Смета дека Македонија се наоѓа во идеална позиција меѓу Србија и Албанија во рамките на Отворен Балкан.
Зборува и за борбата против корупцијата, за односите меѓу Македонија и Србија, состојбата во опозицијата, како и за сите важни регионални прашања.
Зошто во оваа влада нема место за Србите и за ДПСМ?
-Секоја одлука за влегување во власт се донесува врз основа на одредена констелација на односи. Констелацијата кога ние требаше да бидеме дел од владејачките партии во тој момент не беше таква, односно СДСМ се постави така за да го оправда своето однесување при преземање власт под нерегуларни услови.
Освен преземањето на власта нерегуларно, кршењето на принципот коалиција победник со победник, тука беше и најавата дека ќе мора да се вратат на политиката од 90-тите години, односно Србија да им биде повторно виновна, но и заради процесите кои следуваа, им требаше застрашување на македонските граѓани.
Тоа е од една страна, а од друга страна, бараа начин како да го оправдаат стапувањето на сила на албанскиот фактор во Македонија.
И тогаш се случи познатата приказна – Србија е виновна за сѐ што се случува во Македонија, и втората приказна е Албанците, од партнери во власта – стана доминантни од парламенарното мнозинство. И со 25 % презедоа управување на повеќе од половина од ресурсите во државата и по хоризонтална и по вертикална линија.
Така што ние не можевме и не сакавме да учествуваме во процесот на правење на Србите и Србија во монструми и непријатели на Македонија. И нормално, се повлековме во опозиција.
Она што следуваше подоцна само нѐ увери дека сме направиле паметен избор. Потоа следуваа и закани, неколку пати беше нападнато седиштето на ДПСМ и до денес сторителот не е пронајден, закани кон мене.
Се случува она што го предвидовме, но требаше прво да се завршат преземените обврски за промена на името и реализација на Тиранската платформа. Резултатите од тоа се: промена на името и создавање на јазична федерација.
Ние немавме морално право да учествуваме во уништување на она што е суштинско, идентитетско за македонскиот народ – тоа е името, и не сакавме да учествуваме во процесите во кои од мултиетничка – Македонија се претвори во двонационална држава.
Сега за власта, Србија веќе не е главен непријател на Македонија, барем јавно, иако тајно се случуваат милион активности од СДСМ.
СДСМ на ниту еден начин не одговори на коректната и многу конструктивна иницијатива за воспоставување на многу добри односи меѓу Македонија и Србија. Тука влегуваат сите активности како што беа вакцините, пожарите, храна, енергија, па сѐ до денеска, каде што без разлика на однесувањето на владејачкото мнозинство, тој (претседателот Вучиќ) го задржува мислењето дека без оглед на сѐ, Македонија и македонскиот народ се пријатели на српскиот народ и во ниту еден момент не предизвика со никаков потег можност да ја загрози таа политика кон Македонија.
Што прават СДСМ и Владата за да го загрозат тој однос?
-Со доброто однесување Србија го одзема аргументот на македонските политичари за јавен атак врз Србија и српскиот народ. Очигледно е дека орудието им е одземено.
Е сега без него, глупаво е јавно да ја спроведувате политиката на која сте пораснале, па тоа го правите под маса или „под жито“, како што велиме ние. Последен пример ви е Дарко Каевски.
Ваквите активности „под жито“ можат да влијаат на влошување на односите меѓу Македонија и Србија? Во еден момент претседателот Вучиќ може да си каже: Ок, доволно сторив…
– Мислам дека определбата на претседателот Вучиќ и на Србија за една нова политика, најмногу се гледа во однесувањето и новиот пристап во меѓународните политички односи.
Гледам дека тоа не е разбрано и не е примено од македонската политика.
Ова е една нова политика која преферира разговор и соработка. Тоа е Отворен Балкан, тоа е признавањето на МПЦ-ОА и низа други активности.
Овде кај нас не е прифатен новиот државен пристап на Србија, кој најдобро се огледа на прашањето и односот кон проблемите кои постојат на Косово и Метохија. И чудно е како македонската политика и нивната длабока држава не успеа да ја разбере таа суштинска промена во однесувањето на српската држава. И затоа, кога не можат јавно – ќе прават тајно.
Дарко Каевски е еклатантен пример.
Или во превод: своето меѓународно политичко однесување да го прилагодувате на Албанците, а за Србија ако остане нешто, но, за жал, за Србија речиси никогаш не останува ништо, така што Албанците презедоа контрола врз македонската влада.
Втор пат го споменувате Дарко Каевски и неговото лобирање да се избрише Извештајот на Дик Марти за Жолтата куќа во ПССЕ, мислите на вазалскиот однос на СДСМ кон ДУИ и нивните пријатели во регионот?
– Кажете ми еден потег што го направила Македонија со кој ѝ помогнала на Србија, покажала добрина, соработка. Кажете ми еден потег што го направила македонската влада како знак на добра волја кон Србија. Само еден пример дајте ми и јас ќе ги повлечам сите изречени зборови досега.
Целиот разговор на следниот линк:





