Министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, во честитката за Денот на независноста на Република Македонија ги наведе и „големите очекувања од почетокот на 1990-тите години дека политичките промени во новопризнатата држава ќе донесат можност за надминување на вештачките поделби наметнати на луѓето од двете страни на границата“.



„Долго очекуваното паѓање на ‘ѕидот’ меѓу нас се покажа долг и болен процес. Неговото целосно уривање сè уште бара силна политичка волја и смелост за искоренување на негативните перцепции и стереотипи“, се вели во писмото на Стоев испратено до неговиот колега Бујар Османи.

„Верувам дека, не само нашето минато, туку и иднината ни е заедничка во семејството на Европската унија“, додава шефот на бугарската дипломатија во честитката во која нагласува дека Бугарија прва ја призна независноста на Македонија.