Новиот извештај на УНЕСКО за состојбата со заштитеното природно и културно наследство на Охридскиот регион, кој е напишан на стотици страници, е испратен до институциите во земјава.
Најголема забелешка и натаму останува прекумерната урбанизација, дивоградбите долж крајбрежјето и во заштитеното подрачје на градот, пренагласената експлоатација на крајбрежјето, нефункционалниот колектор, нарушувањето и уништувањето на животната средина, пишува „Охрид Њуз“.
Најериознен проблем и натаму останува неусогласеноста на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Се доцни со носењето на урбанистичките планови, како и со решавањето на депонијата Буково.
Она што најмногу загрижува е што најголемиот дел од овие забелешки се повторуваат во извештаите на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2009 наваму.
Во делот на културното наследство , како што пренесува Охрид Њуз, се нагласува недоволната заштита на старата градска архитектура при што се посочува несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти. Се критикува поставувањето урбана опрема околу најзначајните знаменитости во градот. Градското јадро, грубо преведено, е се само не старо. Институциите задолжени за заштита на вредностите на стариот дел на градот молчеле и замижувале пред урбаното насилство врз заштитените вредности. Старото стана ново. Покривите станаа потпокриви, а автентичните детали ги заменија модерни сончеви колектори, на кои местото не им е во заштитените зони и УНЕСКО е дециден дека истите мора да се отстранат.
Откако Македонија официјално ќе го добие извештајот ќе има рок до крајот на јануари да испрати одговор со забелешки на содржината на извештајот и да започне со спроведување на препораките за да не се најде охридскиот регион на листата на загрозени подрачја.






