Сто македонски војници заминуваат во хуманитарна мисија во Словенија

100 припадници на армијата на Македонија се распоредени за да помогнат во справувањето со последиците од поплавите во Република Словенија во согласност со барањето на Словенија за помош преку Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи на НАТО, соопшти Владата.



Војниците се праќаат во времетраење од 30 дена, се наведува во соопштението.

Македонија, како и досега, останува подготвена да понуди помош и учество во различни хуманитарни мисии и акции во подрачјата погодени од хуманитарни катастрофи.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на ГШ генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски вчера ги посетија војниците кои се подготвуваат за заминување за Словенија.

Петровска прецизираше дека војниците ќе заминат за Словенија најрано утринава.

Во катастрофалните поплави предизвикани од силното невреме што ја зафати Словенија за време на викендот загинаа најмалку шест лица, а материјалната штета се очекува да достигне неколку милијарди евра, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб, цитиран од тамошните локални медиуми.

Европската унија и НАТО пред два дена почнаа да испраќаат итна помош во земјата.