На 12 август 1903 година кај месноста Мечкин Камен во близина на градот Крушево ќе се одигра една од најголемите и најкрвави битки во рамките на Илинденското востание, во која во нерамен бој со десетилјаден аскер предводен од Бахтијар пашаат 40 комити, меѓу кои и војводата Питу Гули.
Откако градот е опкружен од османлиската армија, Советот на војводите донел одлука за повлекување на востаничката војска од 1.200 четници, но Питу Гули се спротивставил и со своите 370 војници заминале на Мечкин Камен за да ги бранат градот и Крушевската Република прогласена на 3 август.
Еден од најсветлите ликови во македонската историја пред битката одржал говор и заповедал, поради ограничените резерви на муниција, да не се пука сè додека Турците не дојдат блиску до нив. Одредот се поделил на 9 чети, една под команда на Питу Гули, а другите водени од осум други војводи кои стоеле на чело на селските милиции.
Турците настапувале од три страни – од селата Бирино, Журче и Острилци, а борбата почнала во 10 часот. Откако комитите го задржале башибозукот, нападнала редовната отоманска армија и во 19 часот Мечкин Камен бил опколен. Османлиите тргнале во решавачки напад, во кој прво загинале Георги Димев и неговиот заменик Нове Смугрев.
Во жестока борба Питу Гули станал и почнал да пука, но и тој паднал убиен, а битката продолжила. Војводите Блаже и Грлука со еден дел од четниците успеале да избегаат во длабоката река и да се сокријат во шумата.
Откако го зазеле Мечкин Камен, Турците продолжиле да го бомбардираат Крушево, а потоа во градот навлегол башибозукот и редовната војска. Од мирното население загинале 117 лица – меѓу нив 15 жени, 5 девојки и 6 деца. Околу 150 девојки и жени се силувани. Изгореле 159 куќи и 210 дуќани.






