Со свирежи, транспаренти и „црвени картони“ студентите денеска се собраа на булеварот пред МОН во знак на незадоволство од, како што велат, ефикасноста на МОН бидејќи не ги почитува роковите за исплата на стипендиите и на други субвенции.
Додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас. Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици, се вели постот на фејсбук профилот на Јетон Шаќири, министерот за образование и наука пред за денеска најавениот протест на студентите.

Министерот Шаќири воедно ги потсети студентите дека се зголемени и износите за студентскиот оброк, за стипендиите и дека разликата на стипендиите е платена и за претходниот период. Докажавме дека работиме посветено за студентите, вели Шаќири.
Претходно, претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски изјави дека се револтирани поради неисплаќањето стипендии и други субвенции за студентите.
„Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фејсбук-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивно исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција“, изјави Николовски.

Николовски и Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ, соопштија дека бараат промена на самиот систем и дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, рече, и промена во Законот за студентски стандард.
„Според законот, МОН покрива 50 проценти од трошокот за студентите, што не е во ред бидејќи доколку се покачат трошоците, а тие се покачени, за студентските домови и квалитетот на храната, тогаш ќе треба да трпи законот измена и да се понесат повеќе финансиски средства кон студентските домови“, рече Николовски.
Студентите на протестот го повикуваа министерот да дојде, но ја одбија неговата покана да имаат средба во МОН. Додека трае протестот, министерот Јетон Шаќири ги свика медиумите на прес-конференција.





