Во Основниот Кривичен суд Скопје непосредно пред денешната расправа за случајот „Ласкарци“ пристигна вештиот наод од Бирото за вештачење и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.
Судењето продолжува на 24 јануари со формално отпочнување од почеток, заради проток на подолг временски период, по што ќе започне со сослушување на вештите лица кои го изготвиле наодот.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.
Тие се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Наедно, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.







