Стевчо му сврте грб на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска соопшти дека по 99 месеци ја прекинува коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека таа коалиција повеќе не може да опстои во оваа скопска Општина.



„ Јас како градоначалник со моите години и со моето искуство и со мојот карактер не можам да дозволам повеќе некој да се поигрува и со мене и со Советот на Општина Карпош, но и со интересите на граѓаните на Општина Карпош во кои влегуваат и обични граѓани и стопанственици и богати и сиромашни и од различни етнички заедници. Затоа јас и Карпош мораме да им се спротивставиме на опструкциите, мораме да им се спротивставиме на командите од еден центар“, соопшти Јакимовски на денешната прес-конференција.

Тој потенцира дека Општина Карпош и народот „си избрале свој градоначалник кој треба да ги штити нивните интереси.

„ Мораме да се спротивставиме на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од нашата Општина. Јас сум градоначалник на сите граѓани во Општина Карпош и од тие причини имам обврска да ги штитам интересите на сите граѓани во Општина Карпош“, нагласи Јакимовски, како што пренесе Сител.