Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, побара загарантирани места за припадниците на малцинствата во албанското Собрание.



„Во моето излагање, во името на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, истакнав дека ако има некој кој е негиран од страна на системот тоа се малцинствата во Албанија. Освен грчкото малцинство кое традиционално е застапено во албанското Собрание, другите малцинства: македонското, влашкото, ромското, бошњачкото, египќанското, српското и црногорското малцинство се политички незастапени во албанското Собрание во изминатите 30 години – вели Стерјовски.

Тој посочува дека е време малцинствата во Албанија да имаат загарантирани места во албанскиот законодавен дом, по примерот на многу држави во Европа, кои имаат обезбедени мандати во нивните парламенти за националните малцинства.

Стерјовски вели дека една од зацртаните активности на МАЕИ е партијата да биде застапена со свој пратеник во албанското собрание.

„Ние мора да се избориме секогаш да бидеме парламентарна партија. Заеднички со сите малцинства, бараме да имаме загарантирани места“.