Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на продолжението на пленарната седнца на албанскиот парламент, побара враќање на правата на Македонците кои ги имале до 1949 година и достојна почит и за партзаните Македонци во Албанија, пренесува весникот „Илинден“-Тирана.
„Горд сум како Македонец, затоа што Македонците во Втората светска војна се вклучија во Антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија. Македонците, заедно со албанските партизани го поразија фашизмот во Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна, во 1945 година Македонците беа признати како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Пешкопеа, рече Стерјовски. Додаде дека во овие области, Македонците во Албанија го стекнале правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција.
За жал, во областа Голо Брдо училиштата на македонски јазик беа дозволени до 1949 година, а во областа Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област, училиштата на Македонски јазик не беа затворени. Ни останува нам, новата генерација Македонци во Република Албанија, да се бориме за унапредување на нашите права и слободи и очекувам ова Собранието тоа да го поддржи, порача Стерјовски.





