Во својот годишен извештај за состојбата со човековите права во 2020 година во Бугарија американскиот Стејт департмент целата глава насловена „слобода на здружување“ ја посветува на односот кон македонското малцинство.
„Властите продолжија да одбиваат да регистрираат активистички групи на етнички Македонци, како што се Обединетата македонска организација ‘Илинден’, Друштвото на прогонети Македонци, жртви на комунистичкиот терор и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај пресудата од мај и повеќе од 10 претходни одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права дека одбивањата ја нарушиле слободата на здружување на групите. На 1 октомври Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа во привремена резолуција изрази ‘длабока загриженост’ во врска со ‘формалистичката примена на законските барања’ на властите упорно аплицирана за да се одбие регистрација на Обединетата македонска организација ‘Илинден’ и слични здруженија од 2006 година.
Во ноември 2019 година, јавниот обвинител постапи по жалбата на лидерот на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) и министер за одбрана Красимир Каракачанов за обидите на две здруженија, Граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права и Антички Македонци, за создавање македонско малцинство. Главниот обвинител поднесе барање до судот за распуштање на здруженијата, обвинувајќи ги за политичка агенда што го загрозува единството и безбедноста на нацијата“, пишува во извештајот на Стејт департментот.







