Во својот извештај за инвестициската клима во Албанија за 2018 година, американскиот Стејт департмент, изразува загриженост во врска со корупцијата и нетранспарентноста на тендерите.
Албанија се смета за место каде е тешко да се води бизнис и каде се фаворизираат компании поврзани со политиката.
Со загриженост се известува и за проектите за јавно приватно партнерство кои се проценува дека имаат ограничена конкуренција и оти нема анализа за нивните трошоци и добивки.
Сопственоста на имот е уште еден проблем на што се жалат странските инвеститори, се додава во извештајот.
Како проблеми со кои и натаму се соочуваат, странските инвеститори ги наведуваат корупцијата, особено во судството, недостигот на транспарентност во јавните набавки и слабото спроведување на договорите.
Индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнал за 2017 година ја рангираше Албанија на 91 место од 180 земји, што е пад од осум места споредено со претходната година. Како таква, Албанија се смета за втора најкорумпирана земја во Западен Балкан.





