Стефан: „Колку што ни е црквата Македонска, толку е и Охридска архиепископија – нема да бараме грчките цркви така да не ословуваат“

Во интервју за белградска „Политика“ запрашан за името поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископот Стефан вели дека „нашата Црква, колку што е Македонска, толку е и Охридска црква“. – пренесе „МКД.мк“

„Свесни сме за чувствителноста на прашањето за нашето име кај т.н. ‘грчки блок на цркви‘. Затоа, ние од нив нема да бараме да нè нарекуваат со име, кое тие не го сакаат. Бидејќи сме наследници на славната Охридска Архиепископија, ословувањето со тоа име од нивна страна не ни претставува проблем. Уверен сум дека браќата архиереи и верниот народ од хеленофонскиот православен свет ќе сфатат дека самите ние не можеме да се нарекуваме никако поинаку освен Македонци, односно дека нашата Црква за нас е и Македонска и Охридска. Зашто, колку што е таа Македонска, толку е и Охридска црква.’ – нагласи Стефан.“

„Во врска со очекувањата на томосот од вселенскиот патријарх Вартоломеј, архиепископот Стефан рече: ‘Го молиме милостивиот Бог да ни дарува само уште малку трпение.“

„Не знам кога би можеле да го очекуваме официјалниот документ за впишување на нашата помесна Црква во Диптихот на автокефалните Цркви. Уверени сме дека тоа ќе стане во догледна иднина. Го молиме милостивиот Бог да ни дарува само уште малку трпение.’ – изјави архиепископот Стефан.“