Дејан Тиаго Станковиќ, српски писател што живее во Португалија, на својот профил на Фејсбук се чуди зошто во Србија „првите соседи и најблизок род“ не ги викаат како што навикнале, а не „со името кое тие не го сакаат и кое е наметнато, и ним и нам“.



„МАКЕДОНИЈА

Читам во српскиот печат дека Папата Франциск утре е во Северна Македонија.

Ова е прашање на јазик, не на политика. На мене кога на српски ќе ми кажеш северна Македонија, јас помислувам на Куманово. И самиот термин ‘Северна Македонија’ звучи одбивно бидејќи е наметнат.

Ние имаме наше име за таа земја и за нејзиниот народ и јазик, а тоа е Македонија, Македонци, македонски јазик и не гледам дека има потреба тоа да се менува во секојдневниот говор и во медиумите, освен во официјалните документи, каде што тоа е баш неопходно.

И кога ја викаа БЈРМ, ние ја викавме Македонија. Не ми е јасно зошто не би имале привилегија нашите први соседи и најблиски роднини во секојдневниот говор да ги викаме онака како што сме навикнале, туку мораме со името кое тие не го сакаат и кое е наметнато, и ним и нам, со нечие националистичко инаетење со кое ние немаме никаква врска.

Имаме свој датум за Божик (погрешен календар), имаме своја азбука, тука не попуштаме, но јазикот Грците ни го менуваат со декрет.

Сакам да кажам: на братучетка ми во пасош и пишува Славица и венчаното презиме, па пак ја викаме ‘нашата Цаца’, ако ме разбирате“, напиша Станковиќ.