Стартуваше изградбата на Истанбулскиот канал, кој, паралелно со Босфор, ќе го поврзе Мраморното Море со Црното Море.



За време на свеченото отворање денеска, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека изградбата на Истанбулскиот канал се смета за проект што ќе ја спаси иднината на Истанбул.

„Денес свртуваме нова страница во историјата на развојот на Република Турција“, рече Ердоган на церемонијата, пренесе Анадолија.

Потсетувајќи дека во 30-тите години на минатиот век просечно 3.000 бродови пловеле по Босфорот годишно, Ердоган рече дека тој број сега се искачил на 45.000 и дека се проценува дека до 2050 година ќе се искачи на 78.000.

„Навигацијата на кој било голем брод низ Босфор претставува сериозен ризик за градот. „Босфорот е сцена на многу висока фреквенција на навигација на бродови од сите категории од југ, север и исток и запад“, рече Ердоган.

Според него должината на каналот ќе биде 45 километри, ширината на неговата основа ќе биде најмалку 275, а длабочината ќе биде 21 метар.

Ердоган рече дека сите истражувања покажуваат дека пловидбата преку Истанбулскиот канал ќе биде 13 пати побезбедна отколку во Босфор.

„Нашата цел е да го завршиме Истанбулскиот канал за шест години и да чини околу 15 милијарди долари“, рече Ердоган.

Предвидено е на бреговите на Истанбулскиот канал, кој ќе се протега на европскиот дел наТурција да никнат нови два града со население од по половина милион луѓе.