Станува ли Зорица Заева фактор во Македонската политика?

Брз отказ за ривал на нејзина пријателка во државна здравствена институција и учество на меѓународна конференција како претставник на Македонија ја отвораат темата за моќта, амбициите и улогата на сопругата на премиерот Заев во македонската политика.



Прес-службата на Владата денеска информираше за учеството на сопругата на премиерот Зорица Заева на конференцијата „Улогата на жените во модерното општество – помеѓу јакнење, лидерство и родовата дискриминација“, која се одржа во Букурешт.

Заева на конференцијата присуствува на покана на романската премиерка Виорица Данчила, а во рамки на претседавањето на Романија со Советот на ЕУ.

На конференцијата покрај сопругата на премиерот говореле првиот човек на Светската Банка Кристалина Георгиева, специјалната претставничка на НАТО за Жени, Мир и безбедност Клер Хатчинсон и Мариус Будал романски министер за труд и социјална правда.

Според официјалното соопштение од настанот организиран во рамки на романското претседателство со ЕУ немало присутна друга сопруга на премиер од регионот или од Европа.

Заева која во Македонија не е многу активна во јавноста освен како придружничка на сопругот при средби со странски претставници, во Букурешт зборувала за статусот на жените во Македонија, како и за заложбите кои Владата ги презема за намалување на насилството врз жените и девојките.

Појавата на Заев на јавната сцена се случува само 4 дена откако нејзиниот сопруг Зоран смени стотина највисоки функционери на неговата партија СДСМ и практично остана без своите најблиски соработници и поддржувачи во последниве десетина години.

Завчера по судирот меѓу двајцата директори на скопската гинекологија Валон Беља од ДУИ и Викторија Јовановска од СДСМ (Предходно според медиумите блиска на ВМРО-ДПМНЕ) од страна на министерото за здравство Филипче експресно беше разрешен моќниот член на Чаирското крило на ДУИ.

Јовановска и Зорица Заева според дел од медиумите важат за блиски пријателки.

Во едно интервју за фокус.мк Зорица која била активна во СДСМ Струмица изјави дека одлуката Зоран да влезе во политиката била заедничка.

„Жените на врвните политичари не смеат да бидат само марионети или обичен „декор“ за пред јавноста! Но, во исто време, не смеат преку ноќ да се преобразат во тоа што не се! Така, на пример, не може жена на врвен политичар одеднаш да стане голема хуманитарка, ако до вчера немала ни Х од хуманоста! И жените на политичарите се обични човечки суштества со свои вредности и мани и тие треба да бидат прифатени како такви. Сето друго е само обична глума што веднаш се препознава“, изјави Заева во јуни 2016 година за Фокус.