„Бугарската официјална политика кон македонскиот народ е ирационална, националистичка и иредентистичка. Со години, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, бугарската држава олицетворена во институциите, како што се претседателот и Владата, отворено ги негира и омаловажува Македонците во секоја можна пригода.“ – вели Далибор Станковиќ во својот коментар со наслов „Кој државник се изјасни јавно дека го уважува македонскиот народ, оти не бара промена на името, јазикот, или што било друго?“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Станковиќ, покрај другото, пишува: „Постојано можеме да слушнеме дека Македонците се вештачка нација, македонскиот јазик е бугарски дијалект, оти Македонија е бугарска земја и сѐ така до бесконечност. Во секое напредно општество постојат екстремни елементи, но во примерот со Софија станува збор за официјална државна политика кон македонскиот народ.“
„Бугарската апсурдност оди дотаму што претставниците на бугарската влада присуствуваа на свеченото отворање на т.н. културен центар ‘Ванчо Михајлов’ во Битола. Каков апсурд! Културен центар именуван по ноторен масовен убиец и фашист. Ако основачите на центарот ‘Ванчо Михајлов’ беа искрени, ќе го именуваа во чест на браќата Робевци, или Григор Прличев, а не во чест на македономрзец.“
„Затоа целиот настан во Битола од страна на македонското општество беше восприемен како провокација од бугарска страна, која што заврши со потпалување на влезот на квазикултурниот центар. Со овој чин, македонско-бугарските односи го достигнаа дното. Всушност, односите меѓу Македонците и Бугарите никогаш не биле полоши во изминативе 100 години. ‘Кинескиот ѕид’ меѓу Македонија и Бугарија ќе биде сѐ повисок и повисок. “
„Време е Софија да покаже европско однесување, да собере храброст и да се спротивстави на бугарскиот екстремизам и шовинизам, што ги оптоваруваат македонско-бугарските односи.“
Интернет-врска до целиот коментар:





