„Обидот да се чествува фашистот и националшовинистот Михајлов во Битола е бугарски обид и за дрско омаловажување на Македонија од страна на Бугарија. Тоа е слика и за Европската Унија и целиот свет да може да видат и да разберат каква е, всушност, Бугарија денес, какви политики и идеологија поддржува Бугарија како нивна членка, кога нивниот политички и државен врв на јавна сцена поддржува фашист и претставува повампирување на фашизмот.“ – вели Далибор Станковиќ во својот коментар со наслов „Софија го покажа вистинското лице“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
„Фашизмот се враќа на отворена врата преку потезите на Бугарија, премолчени и од ЕУ“
Станковиќ пишува: „Посетата на високата бугарска делегација, предводена од премиерот Кирил Петков на Битола за отворањето на Центарот за култура ‘Иван Михајлов’ ја возбуди и сѐ уште ја бранува македонската јавност. И покрај изјавата на бугарскиот премиер Петков дека за Бугарија е важно Македонија да биде дел од Европската Унија, останува нејасно што се крие зад овој настан и која е заднината, ако се земе предвид дека станува збор за бугарска организација, која е именувана според Иван Михајлов и чии членови имаат јасни антимакедонски активности’
„Центарот за култура ‘Иван Михајлов’ и неговите членови јавно ги искажуваат своите симпатии кон Иван (Ванчо) Михајлов. На својата фејсбук-страница, овој Центар објави дека ‘нема наша и ваша историја, историјата е една со Мајката Бугарија’. Тој центар и неговите членови јавно го чествуваат ликот и делото на Михајлов, кој во европската и во светската историја останува запаметен како терорист и квислинг на фашистичка Италија и на нацистичка Германија. Активностите на Центарот не завршуваат со чествувањето на Михајлов, бидејќи повеќе бугарски медиуми ги пренесоа нивните антимакедонски позиции.“
„Според познавачите на околностите со кои разговаравме, можни се две сценарија за целиот овој настан. Според првото сценарио, Кирил Петков бил принуден јавно да го поддржи Центарот за култура ‘Иван Михајлов’, поради можноста да падне неговата влада. Според другото сценарио, станува збор за пројавување единствен национален став по Македонија од страна бугарската политичка елита. Во овој правец е и присуството на членовите на бугарската опозиција во Битола, како што се Красимир Каракачанов и поранешната министерска за надворешни работи Екатерина Захариева, но и изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која истакна: ‘Не случајно сме тука во Битола, еден од најстарите градови исполнет со толку многу историја. Кога доаѓав наваму си помислив дека тоа е нашата споделена историја, историјата на страдалниот бугарски народ овде. Тука поминуваа нашиот суверенитет и нашата иднина“.
„Според познавачите на околностите, присуството на високата бугарската делегација предводена од Кирил Петков, како и присуството на Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, укажува дека бугарскиот премиер нема контрола над преговорите со Македонија и нема да има промена на бугарските позициите кон Македонија и ветото. Според експертите со кои разговаравме, целиот настан во Битола посочува дека Софија нема да попушти во преговорите. Можно е и официјално барање од бугарска страна нивните ставови за македонската историја и јазик да бидат внесени во преговарачката рамка со Европската Унија.“
„Најмногу загрижува бесрамниот обид на бугарскиот политички и државен врв, среде Македонија, која е напредна и историски докажано антифашистичка држава, да ни чествуваат фашист и националшовинист како што е Михајлов. Тоа е бесрамен обид од бугарска страна да покажат дека наводно имаме ист корен, што, секако, не е точно. Тоа е обид за дрско омаловажување на Македонија од страна на Бугарија, кое не наиде на соодветна реакција од македонскиот политички и државен врв.“ – заклучува Станковиќ во својот коментар.
Home Македонија Станковиќ: Обидот за чествување на фашистот Михајлов е обид за дрско омаловажување...





