Станковиќ: „Макроновата ‘правда за бугарските барања’, кои се краен национализам и фашизам, е прифаќање на фашизмот“!

„Макрон кажа: ‘Блиску сме до договор, што овозможува правда за бугарските барања. Ќе бараме решение во следните часови со северномакедонците. Една земја членка со задоцнување побара промени, но ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат’. Каков апсурд?! Правда за екстремен национализам и фашизам. Да се бара договор, што ќе овозможи квазиправда за бугарските уцени, е прифаќање идеологијата на фашизмот. Е, затоа Европската Унија ќе заврши на буништето на историјата, но нејзиниот крај можеби ќе биде пострашен од распадот на поранешната Југославија.“ – вели Далибор Станковиќ во својот коментар со наслов „Макроновото ‘северномакедонци’ е уцена за прифаќање на францускиот предлог“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Станковиќ пишува: „Геостратегиски проект, каква што е Европската Унија, не може да биде заснован само на интересите, туку и на одредена идеолошка матрица, која ќе биде сврзувачко ткиво за многубројните европски држави. Многумина европски политиколози и филозофи со години проповедаа, а Брисел во секоја пригода го потврдуваше тоа, дека идеолошки Европа се потпира врз идеалите на Француската револуција од 1789 година, односно врз мотото ‘Слобода, братство и еднаквост!’. И каде се сега тие вредности? Во буништето на историјата, по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон.“

„По потпишувањето на Преспанскиот договор официјална Софија отворено започна да пројавува краен национализам, шовинизам и иредентизам. Во бугарските медиуми постојано можеме да слушнеме или да прочитаме дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, македонската нација е вештачка творба, Македонците немаат своја историја и крадат туѓа, Македонија е бугарска земја и сѐ така до бесконечност.“

Затоа искажувањето на Макрон за правда на бугарските барања е бесмислица и глупост, но спомнувањето на ‘северномакедонци’ не беше случајно. Зборот ‘северномакедонци’ искажан од устата на францускиот претседател можеме да го разбереме и како уцена, во смисла ако не го прифатиме предложениот француски договор, во иднина ќе бидеме преименувани од Македонци во ‘северномакедонци’ и ќе изгубиме многу повеќе отколку сега.“

„Ако Франција и Емануел Макрон продолжат да бараат ‘правда’ за бугарските уцени, тогаш треба јасно да посочиме дека не сакаме да бидеме дел од сојуз, што води сметка за екстремен национализам, шовинизам и иредентизам. Ова нема да биде во противречност со нашите вредности, бидејќи македонската идеологија отсекогаш била демократска, слободарска и антифашистичка.“