„Од медиумите може да се дознае дека во македонско-бугарските односи е постигнат напредок. Наведено е постоење документ, за кој македонската страна вели дека е подготвена да го прифати, но бидејќи бугарската страна сѐ уште не се изјаснила, нема предуслови за информирање на македонската јавност. Ова не е демократско, бидејќи се работи за нешта суштествени за македонската самобитност.“ – вели Далибор Станковиќ во својот коментар со наслов „Отвореноста води кон демократија, а затвореноста кон авторитаризам“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
„Не смееме да ги релативизираме нештата во смисла дека нема предуслови за информирање на македонската јавност за напредокот во македонско-бугарските односи и содржината на споменатиот документ. Потребна е поголема отвореност во целиот преговарачки процес. Штом Бугарија го доведува во прашање македонското право да го одреди својот национален идентитет и наметнува своја верзија на историјата и идентитетот, тогаш и македонската јавност го има секое право да биде информирана за преговорите со Софија.
„Стремежот кон ЕУ е и стремеж кон слободата и демократијата, затоа слободарски и демократични треба да бидат и средствата, што треба да ги користиме кон патот на Европската Унија. Секое отстапување од овие средства не води кон демократска Европа, туку кон авторитаризам. Бидејќи пристапот до информации е суштествен за секоја демократска држава, како држава, нација и општество, мора да се стремиме кон што поголема отвореност и достапност до информациите.“
„Неколку светски експерти ги искажаа своите видувања за македонско-бугарските односи. Според Френсис Фукујама, една поголема земја ‘се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национално гледиште на поинаков начин, со поинаков историски поглед.’ Слична констатација искажа и Едвард Џозеф, предавач и виш соработник при универзитетот ‘Џон Хопкинс’, според кого, ‘импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја е поттикнат од самата Бугарија… поголема и моќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и идентитетот.“ – нагласува Станковиќ во својот коментар.





