„Од македонска перспектива, истовременото чествување на 9 Мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа не е противречно. Македонскиот народ го чествува 9 Мај како ден што има извонредно значење за македонската државност и формалноправното афирмирање на македонската нација, но и како симбол на нашите европски перспективи, членството во Европската Унија.“ – вели Далибор Станковиќ во својата анализа со наслов „Чествувањето на 9 Мај како победа над фашизмот е, всушност, чествување и на македонската државност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Денот на победата над фашизмот, како еден од најважните македонски историски настани, и Денот на Европа се творба на антифашистичка коалиција“
Станковиќ пишува: „Македонскиот народ го чествува 9 Мај како ден што има извонредно значење за македонската државност и формалноправното афирмирање на македонската нација, но и како симбол на нашите европски перспективи, членството во Европската Унија. Во однос на македонската државност и нација, 9 Мај има извонредно значење, бидејќи уште во почетокот на Втората светска војна македонското национално движење ја прифаќа антифашистичката определба врз основа на меѓународните принципи прокламирани од страна на антифашистичката коалиција.“
„Македонскиот народ во борбата против фашизмот ги постави темелите на современата македонска држава и формалноправното афирмирање на македонската нација. Победата над фашизмот е еден од најважните историски настани во создавањето на современата македонска држава и афирмирањето на македонската нација. Антифашистичките определби на македонскиот народ водеа кон одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот ‘Св. Прохор Пчињски’.“
„Според македонскиот историчар Ванчо Ѓорѓиев, точно на Илинден, како резултат на ‘успехот на антифашистичката борба и народноослободителната војна’ на македонскиот народ се одржува АСНОМ. Затоа, чествувањето на 9 Мај како победа над фашизмот е, всушност, чествување на македонската државност. АСНОМ ги реализира македонските национални стремежи врз основа на придобивките од антифашистичката војна, односно остварување на платформата, што беше градена во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ врз основа на јасен антифашистички принцип.“
„Овие антифашистички определби се нагласени во рефератот ‘Борба против окупаторот’, произлезен од Иницијативниот одбор за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија. Во него се вели дека АСНОМ е ‘симбол на националната слобода и прокламатор на македонската држава, првата во историјата по Самуил’. Во овој реферат се нагласува дека големиот антифашистички фронт е единствениот пат за спечалување на македонското право на самоопределување. Од одлуките на АСНОМ произлегува и решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик на македонската држава, како манифестација на одделните македонски национални особености.“
Интернет-врска до целата анализа:





