„Софија го извртува меѓународниот принцип на ‘почитувањето на достоинството на граѓаните’, на тој начин што во категоријата „граѓани“ ја става македонската нација, односно државотворниот народ го релативизира изедначувајќи го со сите етнички групи од Македонија во категоријата – граѓани?! Користејќи го како правен ‘штит’ овој принцип како формула за решавање на спорот, Бугарите ја деноминираат македонската нација-носителот на државноста на Македонија, од народ во граѓанство, изедначувајќи ја со малцинствата (граѓани), што живеат во Македонија.“ – вели Далибор Станковиќ во својата анализа со наслов „Како Софија го крие хегемонизмот зад формулата ‘принципот на почитување на достоинството на граѓаните’?!“, која ја објави весникот „ Нова Македонија“.
„Стапицата на новиот бугарски предлог за решавање на спорот“
Станковиќ пишува: „Од македонската влада соопштија дека проблемот со Софија ќе го решаваат според една новопредложена формула, односно врз принципот на почитување на достоинството на граѓаните. ‘Принципот на почитувањето на достоинството на граѓаните’ е еден од темелите на утврдениот меѓународен поредок, но тоа не значи дека Софија може да го извртува, на тој начин што во категоријата ‘граѓани’ ја става македонската нација, односно државотворниот народ го релативизира, изедначувајќи го со сите етнички групи од Македонија во категоријата – граѓани?!“
„Достоинството на македонските граѓани и достоинството на Македонците се две различни нешта“
„Користејќи го како правен ‘штит’ принципот на ‘почитување на граѓаните’ како формула за решавање на спорот, на ‘мала врата’, низ еден меѓународноправно признаен и легитимен граѓански концепт, официјална Софија ја деноминира македонската нација, од народ во граѓанство, изедначувајќи ја со другите малцинства (граѓани), што живеат во Македонија. Во основа, на таквиот начин Софија сака национално да ги обезличи Македонците, односно македонската нација, која е носителот на државноста на Македонија, и според граѓанскиот концепт, сите граѓани да бидат носители на државноста. Тоа, според добрите познавачи на меѓународното право, е подмолен удар врз карактерот на државата и Уставот.“
„Бугарската политичко-општествена елита ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи и др. Бидејќи се доведува во прашање постоењето на повеќевековните македонски особености, експертите посочуваат дека наметнатиот спор треба да се решава врз принципот на почитување на достоинството на Македонците, односно признавање на македонскиот народ и бугарската страна тоа јасно треба да го искаже! Но, бугарската политичко-општествена елита не го негира само идентитетот на Македонците од Македонија, напротив го негира идентитетот на сите Македонци без разлика каде живеат во светот, вклучувајќи го и националниот идентитет на македонските малцинства во Албанија, Србија, Бугарија и Грција.“
„Да не се отстапува од македонскиот националниот идентитет, кој е создаден низ вековите“
„Познавачите велат дека не треба да се отстапува од македонскиот идентитетот онака како што е формулиран во Меморандумот на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ, потоа преточен во резолуција, која беше усвоена во Парламентот: дека ‘македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурна посебност… Македонската страна треба да се стреми кон заштита на националниот идентитет на сите Македонци без разлика во која држава живеат.“ – нагласува, покрај другото, Становиќ во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
Home Македонија Станковиќ: „Бугарија ја изедначува македонската нација-носителот на државотворноста како граѓани со етничките...





